Убиен НБА кошаркарот Лоренцен Рајт
Полицијата во Мемфис соопшти дека поранешниот НБА играч Лоренцен Рајт е убиен и дека е отворена истрага во врска со овој случај
Рајт исчезна на 18. јули, а неговото тело беше пронајдено во средата во парк во близина на станбен кварт. Полицијата чекаше на потврда на идентитетот по аутопсијата, која врз основа на сликата на забите утврди дека станува збор за кошаркарот. Како причина за смртта е наведена рана нанесена од пиштол.
Рајт имаше 34. години и роден е во Мемфис. Последен пат е виден околу полноќ на 18. јули. Неговото семејство поднесе пријава за исчезнување на 22. јули, но истражните органи тогаш рекоа дека не мислат оти е нешто сомнително.
Во полициското соопштение се вели дека од мобилниот телефон на Рајт бил повикан бројот 911, а истражните органи утврдиле дека повикот дошол од локацијата каде што било пронајдено телото на кошаркарот.
Рајт играше 13 години во НБА, за Лос Анџелес клиперс, за Атланта, Мемфис, Сакраменто и Кливленд. Одиграл 778 натпревари и просечно постигал по осум поени и 6,4 скокови по меч.