Анелка ќе го тужи L'Equipe
Францускиот репрезентативец кој беше повлечен од мундијалот во Јужна Африка ќе го тужи францускиот спортски весник заради објавување на напис за неговата кавга со селекторот Доменек
Триесет иедногодишниот Николас Анелка најави тужба за написот во L'Equipe, во кој се тврдеше дека на полувремето од мечот Франција – Мексико дошло до расправија меѓу него и селекторот Рејмон Доменек. Тој потврдува дека дошло до кавга но не и дека пцуел по тренерот, пренесува AFP.
Според пишувањето на весникот, Доменек во соблекувалната му приговорил на Анлека за недоволно залагање, а напаѓачот на лондонски Челзи одвратил со „Е... кучкин сину“, По натпреварот, Анелка беше исфрлен од репрезентацијата по инсистирање на националната федерација.
„Тоа не беа мои зборови и за тоа имам сведоци. Затоа се решив да покренам тужба против L'Equipe“, изјавил Анелка.
По исфрлањето од репрезентација на Анелка, остатокот од репрезентацијата одби да тренира, а француската репрезентација на мундијалот доживеа вистински дебакл, на три меча освојувајќи само еден бод.
Сите 23 фудбалери кои беа во поширокиот состав ан француската репрезентација во Јужна Африка, се казнети со неповикување на подготвителниот меч со Норвешка а за Анелка репрезентативната кариера е завршена.
Состојбата во репрезентацијата на „триколорите“ прво резултираше со серија оставки во врвот на Француската фудбалска федерацијa (FFF) дојде и до специјалната комисија на францускиот парламент, по што интервенираше FIFA заканувајќи се санкции за федерацијата заради мешање на политиката во фудбалот.