Форум 81>>

ГАЛЕРИЈА
Карикатура на неделата
Дизајн на неделата

Редакција
Издаваштво
Форум Аналитика
Форум ЦСРД
Форумпринт


Macedonia Search e бесплатен сервис на The Imperial Network кој нуди бесплатно пребарување на сите македонски домени, категории, електронска пошта, мултимедија, телеком, архива на знаењето, време, информатор и дополнителни бесплатни услуги.

     
   

ЕУ И МАКЕДОНИЈА
Не разбираат ли странците?

ЕВРОПСКИ ЛЕКЦИИ
ЗА КРИЗНИ ПОДРАЧЈА

пишува: Николас Вајт (Брисел)

Како што е добро познато, во четвртиот век Свети Августин сакаше да остане невин, "ама не сосема". Така е и со ЕУ и интегрирањето на Западен Балкан: ЕУ ем сака да биде невина, ем не сосема!

Вториот град по големина, сместен во северозападниот дел на оваа мала земја, е главното средиште на малцинското население во државата. Овие луѓе, пресечени од своето етничко ткиво со државни граници воспоставени во почетокот на 20 век, по пат на арбитрарни одлуки содржани во некои меѓународни договори, тешко прифаќаа да учествуваат во работата на новата држава. Се жалат на високата невработеност, мислат дека имаат право во својот град да основаат сопствен универзитет, а сеќавањата на цивилите убиени од страна на безбедносните сили, под околности за коишто се водат огорчени спорови, се се уште живи.
Градот за којшто станува збор има две имиња: Дери и Лондондери. Во 1984 година, еден помлад министер во Британската влада мораше да реши кое име на градот ќе биде во официјална употреба во Градскиот совет, одлука што е исто толку важна и симболична колку и одлуката кое знаме ќе се вее од врвот на Градското собрание. Историски, официјалното име беше Лондондери, а протестантите бараа ова име да биде зачувано како потсетник на нивното културно наследство. Сепак, по обемна расправа, министерот реши официјалното име на градот да го смени во Дери, онака како што го употребуваа мнозинството негови граѓани.

„СРОДНИ ДУШИ“
Овој британски министер подоцна напредуваше во кариерата на нови должности. Неговото име е Крис Патен, а сега ја врши функцијата европски комесар за надворешни односи во состав Европската комисија. Затоа, секој што сака да го разбере приодот на Европската унија кон проблемите во Македонија би требало да почне со разгледување на тоа како земјите-членки на ЕУ ги имаат решено сличните проблеми на своите територии. Патен, на пример, го има сопственото искуство од работата во Врска и во Хонг Конг. Хавиер Солана, пак, европскиот висок претставник за надворешна политика, и самиот ги знае проблемите на демократската транзиција во една земја, како и оние во коишто спаѓа решавањето на баскиските и на каталонските барања за автономија во неговата сопствена држава. Личните искуства на овие луѓе се фонот во којшто се формира политиката на ЕУ по овие прашања.
За Македонија ова е поволна околност. Некои аутсајдери - особено оние новинари кои претпочитаат драматични приказни за некакви судири и конфликти, за крв и за прастари омрази - автоматски претпоставуваат дека зад кои било предизвикувачи на оружени инциденти автоматски мора да стои мнозинството од населението коешто тие го претставуваат. Но, и Патен и Солана знаат дека зад насилството на ИРА никогаш не стоело мнозинството католици во Северна Ирска, како што ни ЕТА никогаш не ја доби поддршката на мнозинството Баскијци во Шпанија. Од друга страна, обајцата политичари имаат искуство во водењето преговори коишто се неопходни за помирување на амбициите во различните делови на една поделена земја; за тоа како да се задоволат разумните барања за решавање на некои проблеми на едно малцинство, а притоа да не се жртвува владеењето на правото, ниту пак довербата кај мнозинството.
Обајцата европски политичари знаат дека не станува збор за лесен процес и ниту еден од нив не е расположен да поставува некои одредени барања за определени реформи од страна на Македонската влада, освен да се воспостави некој повидлив процес на дијалог на меѓунационално ниво од оној што постоел досега. Ниту Патен, ниту Солана нема да ја поддржат идејата политичките претставници на некоја терористичка група да се седнуваат на масата каде што официјално ќе се водат разговорите, а тоа да биде проследено со продолжување на насилствата. Па дури и во случај на прекинување на судирите, Солана и Патен ќе бидат благонаклони - можеби и претерано - кон неволноста на Македонците да разговараат со луѓе кои до неодамна побрзо се определувале да се фатат за пушка, отколку за збор.

ЕВРОПСКИТЕ ИСКУСТВА
Но, обајцата европски високи претставници знаат дека доколку Владата на тероризмот одговори со прекумерна сила, ефектот од сето тоа може да биде контрапродуктивен. Впрочем, партијата на Солана во 1996 година загуби на изборите во Шпанија, откако во јавноста излезе вистината за дејствувањето на антитерористичките милиции коишто власта, десетина години пред тоа, ги беше спонзорирала за да и се спротивстават на ЕТА. "Крвавата недела" во 1972 година, кога британските војници во Дери убија 14 цивили, е се уште "камен на сопнување" во Северна Ирска. Причината за тоа зошто ЕУ и НАТО бараа од Македонската влада да се воздржи од оружен одговор кон терористите, лежи во фактот што Запад веќе ги има доживеано - на тежок начин - сопствените лекции од оваа област.
Британија и Шпанија се стари империјални сили коишто ги загубија своите царства, но кои се привикнуваат на новата европска иднина. Нивните граници со соседите веќе не се прашања околу кои некој денес премногу би се возбудувал. Нивната внатрешна државна организација, се разбира, секогаш би можела да се подложи на реформи, но тоа нема да значи дека овие држави би престанале да постојат. Автономијата за Шкотска, за Велс, за Каталонија или за Еускади нема да значи крај за Обединетото Кралство или крај на Шпанија. Употребата на велшкиот, на гаилискиот, каталонскиот или на баскискиот говор може да ги иритира оние кои го преферираат англискиот или шпанскиот, но генерално се прифаќа состојбата дека луѓето имаат право во своите заедници официјално да го употребуваат сопствениот јазик.
Затоа, ниту Патен, ниту Солана не ја разбираат возбудата и стравот на Македонија за идното постоење на државата. Во Брисел нема разбирање за претставата којашто владее во Југоисточна Европа, според која со оглед на тоа дека границите неодамна арбитрарно се менуваа, тоа би можело мошне лесно да се повтори. Така, кога британскиот министер за надворешни работи ќе изјави дека "е време да се повтори оти границите во регионот се неповредливи и дека нема да можат да се сменат по пат на насилство", тој не го вели тоа затоа што е дојдено до некаква промена во политиката, туку затоа што уште еднаш треба да се повтори она што нему му се чини само по себе недискутабилно за потребите на оние коишто, се чини, се уште не веруваат во тоа.

УНИЈАТА НИ СЕ НАСМЕВНУВА
Според тоа, потпишувањето на Договорот за стабилизација и за асоцијација на 9 април е важен чин бидејќи покажува дека Европската унија ја прифаќа Македонија, во нејзините постоечки граници, како придружна држава, заедно со сите механизми што се применуваат со познатите европски договори, "подновени" за да го апсорбираат десетгодишното искуство на Македонија и еволуцијата на самите структури на Унијата. Во Договорот се вклучени и некои насоки за регионалната соработка, односно она што Македонија би требало да го практикува заедно со другите држави од Западен Балкан, коишто не се многу поразлични од оние што се определени во провизиите на Пактот за стабилност.
Овој Договор е и јасен сигнал за тоа дека ЕУ ја прифаќа Македонија како своја идна членка. Рака на срце, не многу брзо. Сега е веќе јасно дека при следното проширување на Унијата, што ќе се случи до 2005 година (а можеби и веќе во 2003), ќе се вклучат неколку земји од Централна Европа. Меѓу членките на Унијата, навистина, има извесно нерасположение околу тоа да се вети што и да е во врска со идното членство на која било друга земја, но тоа пред се доаѓа како резултат на непостоењето доверба од страна на ЕУ во компетентноста на сопствените структури да се соочат со проблемите на Источна Европа. Како што е добро познато, во четвртиот век Свети Августин сакаше да остане невин, "ама не сосема". Така е и со ЕУ и интегрирањето на Западен Балкан: ЕУ ем сака да биде невина, ем не сосема!
Така, сегашната политика на Унијата е насочена кон тоа на Македонија да и се дозволи да им се придружи на регатата земји во редот за чекање за членство во ЕУ во следните десетина, дваесет или триесет години. И тоа е в ред, но дали е доволно имагинативно? Можеби тоа звучи доволно убедливо за некого од стаклените згради на европската бирократија во Брисел, но оние коишто треба да бидат охрабрени во врска со нивната европска судбина се оние кои живеат во Гостивар, Призрен, ?орча, Пријеполје, Бјеловар или Бјелина.
Кога ќе имаат време да го сторат тоа, Патен и Солана би требало да се навратат на позитивниот придонес на европската димензија во справувањето со проблемите во нивните сопствени земји. Кога ќе се присетат на тоа, би требало да поразмислат како понатаму да ги забрзаат процесите на европската интеграција на Балканот. Полното членство во Европската унија или во НАТО за Македонија е многу далечна перспектива. Можеби го немаме на располагање тој луксуз да чекаме толку долго.

(Авторот е член на Центарот за европски политички студии, ЦЕПС, од Брисел)

 

 

Отпецати го овој текст