|

ПРЕГОВОРИ
Македонскиот Рамковен документ и европските стандарди
ШАНСА ШТО НЕ СМЕЕ ДА СЕ ПРОПУШТИ
пишува: д-р Николас ВАЈТ
Овој осврт на она што
е сега на маса кај претседателот Трајковски за решавање на македонската
воено-политичка криза се базира на драфтот на меѓународниот Рамковен
документ (без анексите) за решавање на кризата, објавен на 7 јули.
Во февруари 1995 година
Британската и Ирската влада објавија "Рамковен документ"
за иднината на Северна Ирска. Документот беше издаден во едно напнато
време, исполнето со непријателства, кога сите терористички групи
тврдеа дека го почитуваат примирјето, но насилствата и натаму продолжуваа.
"Рамковниот документ" од февруари 1995 требаше да ја формира
основата за разговорите за уставната иднина на Северна Ирска. Двете
влади работеа на изработката на овој документ повеќе од една година
и тоа беше нивниот дотогаш најдобар обид да изнајдат солуција за
проблемите којашто би била прифатлива за сите.
Обидот сосема пропадна. Пропадна поради две причини: прво, документот
предлагаше зголемување на власта на Ирската влада врз Северна Ирска,
што не беше прифатливо за протестантите; и второ, решенијата беа
премногу крути - "Too many checks, not enough balances"
("Премногу ограничувања, премалку рамнотежа"). Конфузијата
што се создаде околу овој документ го закочи и го го врати назад
целиот ирски мировен процес, веројатно за околу две години.
МАКЕДОНСКИОТ РАМКОВЕН
ДОКУМЕНТ
Кога го видов македонскиот Рамковен документ ме обземаа стари и
непријатни сеќавања. Рака на срце, мило ми е што можам да кажам
дека документот изгледа многу подобро отколку што мислев . Се чини
дека меѓународната јавност научила некои важни лекции - не само
од Северна Ирска, туку и од грешките коишто беа направени на други
места во Европа.
Овој Рамковен документ содржи четири основни идеи - престанок на
непријателствата, децентрализација на власта, политичко балансирање
и културните прашања. Во некои од случаите, во документот едноставно
се преземени постоечките европски стандарди врзани за односните
прашања; во други случаи документот оди над пропишаните европски
стандарди.
Пасусот за престанокот на непријателствата бара "доброволно
разоружување на етничките албански вооружени групи и нивно доброволно
распуштање", при што не се прави изедначување меѓу легитимните
македонски безбедносни сили и ОНА. Се очекува дека и двете страни
ќе го почитуваат прекинот на огнот, но не се очекува да се распушти
Македонската армија! Споредено со проблематичните одредби од мировниот
договор од 1998 година за разоружување на Северна Ирска, кој ја
предизвика големата криза во преговорите ова лето, во македонскиот
случај ова претставува јасен и недвосмислен опис на одговорностите
на двете страни. Единственото отворено прашање - на коешто е можеби
одговорено во некоја од верзиите на овој документ коишто не ми се
достапни - е кој ќе го потпише договорот од страна на ОНА?
Делот од документот што се однесува на децентрализацијата на власта
ги детализира реформите коишто ќе беа неопходни во иднина, дури
и да не постоеше вооружениот конфликт во Македонија. Државата е
мошне централизирана, а таквата силна централизираност во себе носи
поголем ризик за корупција и за дискриминации (освен тоа што е спротивна
на европските норми). Генерално, во овој дел се содржани некои мошне
добри идеи. Сепак, постојат најмалку три проблеми коишто ќе мора
да бидат решени.
Прво, на кој начин локалната власт адекватно ќе се финансира? Ќе
има ли локален даночен систем или парите ќе стигнуваат од централната
влада? И во двата приода ќе се јават проблеми.
Второ, како ќе се дефинира основата за предложената ревизија на
поделбата на локалните единици? Веројатно сите се согласуваат со
тоа дека бројот од постоечките 123 општини е премногу голем и дека
стариот број (34) веројатно е многу поблиску до реалните потреби
(во Северна Ирска, на еден ипол милиони население, ние имаме 26
општини). Но, новата општинска поделба мора да биде направена мошне
внимателно, пред се во однос на критериумите за тоа каде ќе се исцртаат
новите општински граници.
Трето, сугестијата дека Законот за локалната самоуправа би требало
да се ревидира "на начин што ќе обезбеди објективно учество
на малцинствата во локалните собранија" е по малку изненадувачка
- постојат ли, навистина, докази дека постоечкиот закон не ги исплонува
ваквите барања?
ЗА НЕДИСКРИМИНАЦИЈАТА
И ЗА ЈАЗИКОТ
Деловите од документот посветени на "недискриминацијата и на
објективната претставеност" и на "специјалните парламентарни
процедури" се веројатно најважните делови од овој документ.
За среќа, тоа се и најимпресивните делови од документот. На одредбите
за недискриминација и за олеснување на дискриминациите од минатото
- човек нема што многу да им забележи (иако би можеле да бидат и
малку поконкретни). Интересен е делот според кој одредбата дека
судиите од Уставниот суд ќе се бираат со мнозинство на Парламентот,
"во што е вклучена најмалку една половина од пратениците кои
се изјасниле дека им припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство
во населението на Македонија", и дека каква било промена "на
овластувањата и на моќта на локалните собранија и на локалната извршната
власт нема да може да се одобри без квалификувано мнозинство од
две третини од гласовите, во што мора да се вклучат најмалку половина
од гласовите на пратениците кои се изјаснуваат дека им припаѓаат
на заедниците кои не се мнозинство во населението во Македонија".
Ова е мошне импресивен став, не само поради тоа што потребата од
квалификувано мнозинство досега беше ускратена за две мошне чувствителни
прашања, туку и поради тоа што членовите на Парламентот сами ќе
се решат дали се или не се членови на мнозинското население - станува
збор за индивидуална, а не за групна одлука.
Да го објаснам последниов навод: многу документи како овој настојуваат
да ги унапредат колективните за сметка на индивидуалните права -
Дејтонскиот мировен договор е еден ноторен пример за тоа, а и договорот
за Северна Ирска е делумно насочен во тој правец. Во овој случај,
пак, предложената формула ја подвлекува индивидуалната одговорност
на членовите на Парламентот, наместо групното гласање спроведувано
под притисок на племенските старешини. Се работи, веројатно, за
максимумот што може да се постигне за една идеална граѓанска демократија
во етнички поделено општество.
Конечно, деловите за "Образованието и за употребата на јазикот"
и "Изразувањето на идентитетот" се прилично ископирани
од релевантните европски конвенции. Единствената моја забелешка
е дека во два случаја одредбите се премногу специфични. Пасусот
за универзитетското образование изгледа како да е преземен од ситуацијата
во 1997 година, а сега сме 2001 година и во меѓувреме се појавија
нови модели за начинот на администрирање и на одредување на сопственоста
на универзитетите, коишто не се консултирани при изработката на
документот. Конечно, отсекогаш сум мислел дека процентот од 20%
застапеност на малцинствата во населението на локално ниво е премногу
високо поставена граница. Во Финска важи правилото дека доколку
малцинското население опфаќа 6% или повеќе, тогаш таа локална единица
мора да се смета за билингвална. Сепак, доколку различните страни
во Македонија се согласиле на процент од 20%, претпоставувам дека
ние, другите, мораме да се согласиме со тоа.
* * *
Конечно, на многу начини, најубедлив дел од овој Рамковен документ
е дека во него се реферира на "Македонија" - а не на "БЈРМ".
По речиси десет години понижувања за земјата којашто беше признаена
под фиктивно име, значајно е тоа што европските и американските
преговарачи решиле едноставно да го игнорираат ова прашање. За нив
тоа веќе не е проблем. Би било разумно од страна на Македонската
влада да ја искористи оваа можност за да ја натера меѓународната
заедница да го затвори ова прашање.
Исто така, разумно е сега да се сигнализира дека Македонската влада
во иднина ќе бара поголеми права за етничките македонски малцинства
во соседните земји, заедно со заложбата за неменување на границите.
Генерално погледнато, Рамковниот документ за решавање на македонската
криза би требало да биде поздравен од страна на Македонците од сите
етнички припадности. Тој ја нуди можноста за "историски компромис"
меѓу граѓаните на Македонија, по што тие заеднички можат да работат
на целосното вклучување на сопствената држава во европското семејство.
Генерално погледнато, Рамковниот документ за решавање
на македонската криза би требало да биде поздравен од страна на
Македонците од сите етнички припадности. Тој ја нуди можноста за
"историски компромис" меѓу граѓаните на Македонија, по
што тие заеднички можат да работат на целосното вклучување на сопствената
држава во европското семејство.
Авторот е соработник на меѓународниот Центар
за европски политички студии во Брисел.

|
|

|