Соработката со Тирана е значајна за регионот
Соработката меѓу Македонија и Албанија е значајна за регионалната стабилност и прогресивниот развој на балканскиот регион. Ова, како што јавија албанските гласила, денеска во Тирана го изјавил шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски на заедничка конференција за новинари со неговиот албански колега Илир Мета. „Ние сме се покажале способни да ја извезуваме оваа стабилност и во останати земји во светот, како што се мисиите во Авганистан“, изјави Милошоски. Тој истакна дека Македонија ќе ја поддржи Албанија во процесот на што побрзо укинување на Шенгенскиот визен режим за граѓаните на Албанија, како и полноправното зачленување во Европската унија. Милошоски нагласи дека Македонија е за мултиетничко и мултиконфесионално општество почитувајќи ги сите меѓународни правила. „Се израдував што во идниот попис (во Албанија) ќе биде вклучена и етничката и верската припадност“, изјави Милошоски. Министрите за надворешни работи на Македонија и на Албанија разговарале и за продлабочување на економската соработка. За време на посетата на Милошоски на Тирана двајцата министри потпишаа протоколи за соработка меѓу двете министерства.
|