А бре Македонче...
| 00:00 | 04 септември 2009 |
|
Абер од Востаникот седумдесет години потоа
Коле Чашуле е единствениот преостанат жив востаник кој се сеќава на македонското антифашистичко востание и почетокот на македонската вооружена борба против глобалното зло фашизмот, но истовремено и за националните права на македонскиот народ и вековниот стремеж за создавање македонска држава. Во овој број на Форум каде централно место отстапуваме на двата трагични паметника – 70 години од избувнувањето на Втората светска војна и 60-годишнината од крајот на Граѓанската војна во Грција, Форум на своите читатели им донесува автентично сеќавање за историјата на востаникот Чашуле, но и промисла на денешнината од искусниот политичар, дипломат и писател каде е Македонија 60 години потоа, и како се реализира сонот на една генерација чиј лозунг беше – Македонско име нема да загине!
Говори: Коле ЧАШУЛЕ
Со нецели деветнаест години, одгледан на семејната традиција на простумење и на прворисјанските левичарски убедувања дека светот еден ден навистина може да стане подобро и поправедно место за живеење, Втората светска војна ја доживував како шанса за остварување на идеалите на мојата генерација. На мојот порекнуван и обесправен народ, кому претходните војни му ги наметнаа делбите на националното битие, распокинатоста на терироријата, непризнавањето на идентитет, негирањето на историјата и на јазикот...
Добро ги паметам случувањата кои им претходеа на првите воени настани од септември 1939 г. Заканувачките паради на фашизмот кој ја демонстрираше својата моќ. Бев еден од занесениците што, неколку години порано, се обидуваа да отидат во Шпанија за да се борат противу таа застрашувачка моќ. Не стасав тогаш до Гвадалахара и Мадрид, ама завидувајќи им на оние што им успеало да се вклучат во „светската револуција” веќе во првите нејзини мигови, настојував кон менувањето на светот да придонесувам што е можно повеќе. Макар и во „локалните рамки”. Еден од тие „придонеси”, врзан со другар ми Кочо Рацин, го чувам меѓу своите најубави спомени. Имено, кон крајот на јуни 1939 г. добив задача куфер со штотуку отпечатените примероци на Бели мугри да го пренесам од Белград до Скопје. Го носев среќен, исполнет со искрено чувство дека мојот народ отсекогаш умеел за своите правдини да се бори со сите оружја и дека песните, многупати, биле поважни од сите пушки малихерки...
Две години подоцна, недела-две пред востанието од 11 октомври 1941 г., со другар ми Оцка Михајловски добивме задача да составиме песна со која нашиот партизански одред наскоро ќе ги започне оружените акции противу фашизмот. Германците беа пред Москва, целава Европа гореше, а Оцка на виолина ја свиркаше мелодиската линија кон која јас ги додавав стиховите. „А бре Македонче, борба те чека, борба за слобода...”
Вечерта на 11 октомври 1941 г., кога и ние Македонците тргнавме во таа борба, во нашиов одред нè имаше точно 27-мина на број. Да не ì се приклучивме, тогаш, на светската антифашистичка коалиција, ќе се создадоа ли подоцна условите за одржување на Заседанието на АСНОМ? Ќе стасаше ли Македонија до сопствена држава – една од шесте рамноправни членки на некогашната федерација, денес една од рамноправните членки на Обединетите нации? Навистина ли се тие членки еднакви и рамноправни, или меѓу нив сепак има некои кои се „предодредени” да бидат порамноправни и поеднакви од останатите? Како кај Орвел.
Историчарите денес пишуваат дека Втората светска војна треба да се смета за климакс на дваесеттиот век. Најкрвав до сега. Безмалку за негова катарза. И го докажуваат тоа со силни и застрашувачки бројки: од 67 тогашни држави, во војната учествувале 61; од 2,5 милијарди луѓе, колку што тогаш живееле на Земјата, во воените дејствија биле вклучени 110 милиони; од нив 35 милиони биле ранети; загинале дури 50 милиони; меѓу нив и некои од моиве најдобри другари: Кочо Рацин, Борка Талески, Мирче Ацев, Кузман Јосифовски, Страшо Пинџур, Стив Наумов, Оцка Михајловски...
Дали по сите тие страданија светот стана подобар и поправеден? Дали мојот мал, порекнуван и обесправен народ кој војната ја заврши на победничката страна, та најпосле создаде сопствена држава – макар и само на откасок од својата територија, макар и во рамките на некогашната федерација... – успеа да ги оствари сите свои вековни идеали? Кога со Оцка ја составуваме песната со која во 1941 г. тргнавме во нашата етапа од долгата македонска борба за слобода, решивме – такво беше времето – дека таа песна мора да биде поентирана со јака парола. „Македонско име нема да загине”...
Денешнава независна и самостојна Република Македонија веќе полни седумнаесет години настојува да го афирмира своето право на сопственото име. Уставното и вековно име на државата, од кое се изведуваат името на народот и на јазикот, атрибуциите на националните институции, квалификативите на националната култура, уметност, наука, историја...
Ќе загине ли македонското име сега, во децениите на лажливиот Втор светски мир? Ќе се вика ли тоа „разумен компромис”, како што милуваат да кажат нашиве млади политичари?
Со нецели дваесет и пет години, поминат низ воените премрежиња и сè уште доследен кон прворисјанските левичарски убедувања дека светот овој пат навистина станува подобро и поправедно место за живеење, крајот на Втората светска војна го доживував како победа на мојата, ама и на многуте претходни генерации. Го паметам тоа победничко чувство, задоволство од мирот за кој успеавме да се избориме и искрено убедување дека на светот војната нема да му се случи никогаш повеќе. Колку живеев во тие илузии? Година, три, пет?
Втората светска војна не ги исправи гревовите што ги озаконија мировните договори со кои завршуваа оние поранешни војни. Напротив. Македонскиот е еден од многубројните примери што тоа го докажуваат. Денешниов светски поредок, наспроти сите шумни декларации за човековите права и права на народите, не располага со ефикасни механизми со кои тие права вистински би ги заштитувал и би ги гарантирал. Македонскиот случај со „разликите околу името” (и сето што се коти и плоди околу тие „разлики”) го потврдува ова. Светските институции и ексклузивните светски сојузи (на пример НАТО) не успеваат да се усогласат околу механизмите со кои ефикасно би се спречувале нови и нови војни, особено оние со низок интензитет. Не поминува ниту ден, а некаде во светот да не се обзнанува и води некаква војна. На денешниве војни песните веќе не им требаат.
Старите Латини верувале дека историјата треба да му е учителката на животот. Сме извлекле ли што-годе наук од досегашниот крвав воен опит? Вториот светски мир покажува дека лекцијата не ни е научена и дека минатото лесно може да ни се повтори.